вашиот откажување / вашата апликацијаНасловнаград / град

Деградацијата е долг и болен процес, а борбата против неа треба да биде двојно посурова

Пишува, Никола Кукунес

Деградацијата е долг и болен процес, а борбата против неа треба да биде двојно посурова. Мислев дека сме отповеќе питоми, но се испостави дека апатијата и пасивноста го земаат данокот. Инспирација за ваквото размислување го поттикна еден заборавен текст, во кој имам коавторско учество, и датира од 2008/2009 година.
Ако ве копка за што јас и мои блиски по дух сме размислувале тогаш, повелете:

Носталгијата е чувство што се активира во моментот кога нешто ќе изгубиме, ќе се оддалечиме од некаде, од некого или од нешто. Во моментот додека го подготвуваме овој краток опис на нашата емоција, таква е болката од која сме опфатени. Токму врз основа на ваквото расположение ќе се обидеме да ви одземеме миг од кратковечноста и ќе побараме разбирање и поддршка.
Група ентузијасти, спортски работници, некогашни пливачи и ватерполисти, понесени од спомените на едно подобро минато, се обидуваат да најдат решение како да го оживеат пливалиштето и затворениот базен. Уште на самиот почеток би сакале да нагласиме дека единствената цел и побуда за ваквото активирање на граѓанството е потребата за место каде се развиваат здрави индивидуи – и по тело и по дух, каде се среќаваат и функционираат етникумите и конфесиите. Дека таму има борба, би имало и би било убаво да ја имам, но не на улица, во училишните дворови, по кафулињата. Единствената борба на која навикнале стружани е борбата на спортските терени.
Со речникот на семејната хиерархија Пливачкиот и ватерполо клуб од Струга може да ѝ биде дедо на Република Македонија, затоа што паралелно со полнолетството на државата, клубот зачекори во својата седма деценија. Со пристрасност и носталгија кон вредност која згаснува го правиме овој напор, да зачуваме барем нешто што оставило белег низ времето. Во последниве десеттина години клубот континуирано пропаѓа за несреќа на пливачите, на оние кои штотуку станале пливачи и на оние кои допрва треба тоа да бидат.Кај стружани односот кон спортот е длабоко вкоренет, така што нам не ни е потребна никаква кампања за здрав живот и како да ги одвлечеме младите подалеку од пороците. Нам ни се потребни спортските објекти кои ни пропаѓаат пред очи. Струга е мала општина и можеби нема доволно сретства за тоа. И Македонија е мала, можеби ни таа не може да го покрие одржувањето, но тоа нема да не спречи во намерата да одиме понатаму. Не сакаме да бидеме неми сведоци на спортската деградација, посебно кон пливањето и ватерполото.
Клубот кој почнал да егзистира кон средината на XX век, било спонтано здружување на ентузијасти – мотивирани, пред с# од физичкиот предизвик. Шест рибари, еден занаетчија и еден средношколец го формираат клубот, кој во наредните децении ќе изјадри врвни пливачи и ватерполисти. Заради постигнатите резултати им било овозможено да добијат елементарни услови за тренинг. Најпрвин отвореното пливалиште, а подоцна и затворен 25м. базен. Со ваквиот ангажман на средината почнуваат да пристигнуваат и првите резултати од државните и меѓународните натпреварувања.
Денес кога ќе се сумираат резултатите од повеќедецениската плодна работа и ќе ја видиме галеријата заслужни граѓани кои дале свој придонес во клубот, не можеме да не забележиме дека токму членувањето тука влијаело тие да израснат во индивидуи со беспрекорно физичко, културно и социјално образование. Предмети кои се учат во школските клупи, но се практикуваат надвор од нив. За пофалба и гордост е признанието дека клубот 22 години бил првак на Македонија, редовно учествувал на големите балкански и европски такмичења, а ватерполистите се натпреварувале во супер силната II југословенска лига.
Прашањата со кои се соочуваме и на кои се обидуваме да дадеме одговор се: Како се финансирала работата на клубот? Кој с# учествувал со донации и спонзорства? Зошто денес не е можна минимална активност? Зошто има отсуство на интерес од страна на градските власти? Зошто државата е подготвена да инвестира изградба на нови базени, онаму каде што не постои пливачка традиција, а нема слух за санација на веќе постоечкиот во Струга? Зошто Стружани се спречени или оневозможени да го користат еден од ретките начини за обединување? Зошто сите заеднички нешта што сме ги имале како вредност од минатото, денес, упорно се запоставуваат и уништуваат? За нас е тешко да се оградиме од политиката која длабоко засега во проблематиката на спортот и спортскиот живот.
Заради сето ова бараме безрезервна поддршка за оживување на пливалиштето и базенот, симболи со кои Стружани и понатаму ќе можат спортски да пркосат, да бидат горди и да им се радуваат на новите успесите.

П.С. Да знаев во што ќе се претвори градов немаше да трошам енергија и време на подигање на свеста. Уште тогаш ќе си ги соберев парталите и ќе заминев што подалеку од овој змијарник. Нема да посочувам со прст во виновници. Ситните души треба уште отсега да се премолчат. Така побрзо ќе се заборават.