HomeOld Struga

Дали ќе ја препознаете Струга во овие слики?

Сликите и текстот подолу се објавени на ФБ профилот: Valdamarr Sveinaldsson

Американскиот антрополог и фотограф-ентузијаст Џоел Мартин Халперн ги посетил овие краеви во три наврати, во 1954, 1962 и 1973 година, крадејќи моменти историја преку својот фотоапарат, за идните генерации.

Архивата од Македонија брои над 1000 фотографии, од разни краишта. Во оваа прилика ги споделувам фотографиите направени пред 50 години, симболично на денот на ослободувањето на Струга. Уште тогаш новото почнува да ја нарушува тогашната градска архитектура, да се појавува помеѓу старите куќи, бараките. Некои стари објекти преживеале до денес, ќе ги препознаете.

Овие улици, луѓе и градби веројатно ќе ги најдете како протагонисти во расказите и објавите на Димитрие Дурацовски и некои други струшки автори. Делови од оваа Струга имав среќа да ги втасам и јас, како дете во осумдесеттите кога одевме со моите родители. Татко ми пак се фасцинирал од Струга, посетувајќи ја во почетокот на седумдесеттите години, од полниот пазар, специфичните народни носии, тесните улици, дури бил и застанат од полицаец кога ги скицирал луѓето, кога правел цртежи од тој динамичен живот. Не било тоа типична глетка.

Градовите се менуваат, сакале ние или не. Секоја генерација става свој белег врз архитектурата, општествениот живот, природата. Старите фотографии за помладите генерации можат да илустрираат како местата и луѓето изгледале некогаш, за оние постарите да вратат некој спомен.