Denoncimi juaj / Ваша пријаваHomeLajme / Вести

Јазикот ваш насушен

Пишува НИКИЦА КОРУБИН

Што значи ментална статус кво ситуација, покрај практичната и политичката, за која се води жестока битка да остане на сила во Македонија; гледаме деновиве преку примерот со основното училиште во Општина Чашка, во непосредна близина на Велес, тој “темел” на македонскиот литературен и стандардизиран јазик. Но, тука нема “Бугари да ни го спорат јазикот”, тука има Албанци на кои ние им го спориме јазикот.

Многу “великодушен” чин од паталци, за кои сакаме да се претставуваме. И многу “космополитиски” пристап од некои кои метафорички “се колнат” во нашиот македонски јазик и кој буквално “го колнат” вашиот албански јазик. Голем цивилизациски исчекор, нема што, во “срцето на Македонија”, ако се (воз)држиме на нашата Северна Македонија.

Но, кој ја одржува оваа ментална статус кво ситуација, сите овие години и го држи “заробен” умот на граѓаните? Од Охридскиот договор и неговото пресликување во уставот поминати се речиси 23 години. Точно толку на сила е амандманот V, односно членот 7 од уставот кој гласи:
“На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член”.

Претпоставувате дека кога пред 23 години сме го скриле албанскиот јазик во 20%, политичкиот естаблишмент веќе бил со “заробен ум”, кој потоа тоа “заробување” го проектирал на цело општество. А, ако не бил со заробен ум, тогаш бил со јасна намера, која исто така ја проектирал на целото општество со (не)чинење, па после 23 години се’ уште некому да пречи секој да учи, говори и пишува на свој сопствен јазик. Зошто инаку, веднаш не се прецизирало јасно за кој јазик станува збор? Не се знае што е пострашно и поопасно, заробувањето или намерата.

Но, она што е уште поинтересно е читањето и толкувањето на овој член од уставот, која заблуда се третира како вистина, и со истата константно се манипулира во разни ситуации. Имено, албанскиот јазик, исто како и македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на државата, а не само во оние места каде “тие се 20%”, чие име не се ни споменува. И токму тоа е главната оска на конструираната манипулација, пред се’ од партискиот, но исто така и од аналитичкиот и медиумскиот дискурс.

Тезата може да се сублимира, дека само во “мешани” средини Албанците имаат право на својот јазик, а не и во “чистите” македонски средини. Па, дури и се лицитира со градови, главно од источниот, централниот и јужниот дел од земјата, бастионот на “чистите македонски средини” за разлика од нас “измешаните” во северните и западните делови на земјата. Ако, ви се чини дека има призвук на фашизам, се лажете, станува збор за патриотизам по мерка на “заробеното општество”.

Значи албанскиот јазик има иста уставна позиција како и македонскиот јазик, освен во меѓународните односи; како и “неговото писмо”, кое останува нерегулирана тема, во однос на воведување и на латиницата, покрај кирилицата како писмо. Со тоа правата на учење, говорење и пишување на албански јазик ги дава уставот, а не Македонците. Исто како, што и на нас Македонците, правата ни ги регулира уставот. Тоа е дефиниција за држава, правен поредок, и цивилизација. Исти пред законите. И секој што потикнува, оддржува и шири поинаков наратив, всушност ја предизвикува и проблематизира самата држава и нејзината суштина.

Дали е сега појасно зошто 23 години, се негува незнаење, кое се храни со манипулации, за да се претвори во антагонизам? За да се одржи менталната статус кво ситуација, како совршена основа за заробеното општество, кое константно ќе ги минира сите обиди на државата да стане нормална, организирана, хумана и цивилизирана. Во која според уставот, сите мораме да бидеме исти како граѓани, различни како етноси и посебни како индивидуалци. И тоа е политичкиот идентитет на Северна Македонија. Единствено можен.