HomeLajme / ВестиQyteti / ГрадRrethina / Околина

Уништена една третина од езерската трска во струшко Калишта

Зачестува спалувањето на трската во струшко Калишта. Деградацијата се повторува секоја пролет. Деновиве во голем пожар, изгоре една третина езерска трска. Во континуитет палење, сечење, тампонирање, еколошки геноцид. Несовесни граѓани заради лични интереси и профит го нарушуваат природниот биодиверзитет на Охридското езеро.

Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби и живеалиштата на птиците, останува прав и пепел.

„Како никогаш досега се врши спалување на трската и уништување на оној дел од крајбрежниот појас меѓу Струга и Калишта. Во понеделникот изгоре речиси една третина од вкупната површина на трската тоа е некаде повеќе од десет хектари, нешто што е навистина ужасно да се види, вели Никола Кукунешоски граѓански активист.

Загрижува што сторителите остануваат непознати, иако законот предвидува казни, во пракса ги нема. Надлежните немаат слух да сопре уништувањето на трската, велат активистите.

„Инспекциските служби излегуваат само да воочат штета, меѓутоа никогаш да превенираат и санкционираат некого. По целата должина каде што е опожарена трската веќе засилено се тампонира. Тука не станува збор за земјоделие некој теренот го подготвува за нешто сосема друго“, додава Кукунешоски.

Еколозите бараат поголема контрола од страна на полицијата, инспекциските служби и мониторинг од страна на општинските служби. Кривичниот законик за недозволена крајбрежна трансформација и уништување предвидува затворска казна од три месеци до три години.

Соња Рилковска