HomeOld Struga

Се сеќавате на Струга од половината на 50-тите се до денес ?


Се сеќавам на вечерното корзо кога Стружани корзираа среде чаршијата и си отпоздравуваа едни на други. Корзото беше единственото место каде секој со секого ќе се видеше, ќе си поприкажеше. На корзото се раѓаа новите симпатии и љубови. Кога се одеше на корзо секој беше дотеран како за Велигден.

Се сеќавам кога секоја недела, немаше свадба да помине додека младоженецот и невестата не поминеа среде чаршија, а од прозорците и вратите Стружани им фрлаа бомбони со парички, а ние како деца се растрчувавме и ги полневме џебовите со бомбони (шекерчиња) и парички. Се сеќавам дека секој починат Стружанец, мораше да го поминат низ чаршијата и секој отстрана ќе застанеше и ќе му оддадеше почит. Последниот Стружанец кој беше поминат низ чаршијата беше мојот починат татко Ацо Угрин. Тоа се случи по моја желба и барање да биде со поворката поминат низ чаршија по старата и вековна традиција на Струга и Стружани.

Се сеќавам кога биовлиците минуваа среде чаршија, кога продавачи на поза и кисело млеко продаваа по струшките сокаци. Се сеќавам на многуте занаети во чаршијатс: САМАРЏИЈА, КУВЕНЏИИ, З’БАНЏИИ, ФРТОМАРИ, СВЕЌАРИ, БЕРБЕРИ, ЛИМАРИ, КОНДУРАЏИИ, МЕСАРИ, ФУРНАЏИИ, ЏАМЏИИ, ЗЛАТАРИ, КОЈУНЏИИ … и уште други.

Денес повеќе нема ништо од сето погоре наведено. СЕ ИЗУМРЕ !

Изумреа занаетите. Денес буквално нема ниту еден занаетчија во чаршијата. Повеќе не се слушаат утринските песни на матурантите, ја нема и традиционалната импровизација ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СТРУГА.

Ја нема пивеќе и препознатливата на далеку струшка архитектура. Се е срушено, се е неповратно уништено.

Ни останува Струга непроменета само во старите пожолтени фотографии и аматерски филмови кои ги снимаа: ИВАН БЕЛЕВСКИ, ПЕТАР УЗУНОСКИ и пред нив фотографите: СТАВРЕ, ЖИКА, ДУШКО, ДРАГАН …

Миладин Угреновиќ МИДВЕС