Насловнавести / Вестиград / градоколина / животната средина

Стружани плаќаат за осветлување, а улиците темни

Стружани веќе четврти месец се движат по темни и неосветлени улици. Општината се правда дека на овој начин сака да заштеди на струја, но граѓаните и понатаму на сметките кои ги добиваат плаќаат по 184 денари за улично осветлување. Поради тоа, адвокати од Струга поднесоа приговор до општината, како надлежен орган, со барање за коригирање на цената која им се испорачува на домаќинствата. но, одговор не добиле.


„…Ние како канцеларија се обративме со жалба до УЈП, во средината на месец декември 2022, но од страна на УЈП добивме по е-маил краток одговор дека истите не биле надлежни по однос на ова прашање…“, изјави Глигорие Ќатоски-адвокат.

Нареден чекор e тужба против оштината до Управниот суд.

„Планираме до крај да ја истераме оваа постапка. Немањето на јавно осветлување допринесе до зголемување на степенот на криминал во општината, имаме голем број на случаи на луѓе каснати од кучиња, безбедноста е драстично намалена на јавните површини“, рече Глигорие Ќатоски-адвокат.

Од ЕВН Хоум велат дека тие само ја наплаќаат комуналната такса согласно законот, а парите ѝ ги префрлуваат на општината.

„Понатаму самите општини менаџираат со средствата, а истите им служат за одржување на јавното осветлување и плаќање на потрошената електрична енергија“, велат од ЕВН ХОУМ.

Инаку, за 2021 година, наплатата на ЕВН Хоум за комунална такса од корисниците во Струга е 92%. Затоа граѓаните реагираат. Ем плаќаат за јавно осветлување, ем улиците се темни.

„Треба да има некој ред. Да се воспостави некој ред, а не некој реон постојано да е во мрак.“

„Срамота е и тоа голема, а плаќаме и струја. Улично осветлување плаќаме, а улично нема“.
„Ова го немаше никогаш. Никогаш во живот досега, 70 години ќе правам, ова не било.“

„…Улиците да се осветлат, да се поправат инаку вака страв ни е да излеземе.“

Градоначалникот Мерко вели дека нема да се укине комуналната такса за јавно осветлување. Паралелно со тоа рестрикциите со уличното осветлување ќе продолжат. Од 8 јануари центарот на Струга и селата ќе биле осветлени до 4 часот наутро. /Мики Трајковски – АЛСАТ