Насловнавести / Вестиград / градСпорт / спорт

“Сакаме во Струга еден ден да го донесиме шампионскиот пехар” – Арбтрим Ќира за Спортмедиа

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Струга Трим Лум е чудо. Оваа сезона ги урива рекордите во историјата на ПМФЛ. Осум мечеви од стартот на сезона и исто толку победи.Не паметиме некој клуб во изминатите три децении во самостојна Македонија да имал таква стартна серија. Клубот кој е основан пред само седум години, сега е во центарот на вниманието во мак – фудбалот, па и пошироко. Струга Трим Лум покажува дека е успешна приказна, клуб со големи планови и амбиции, клуб со кој се гордеат стружани а најмногу членовите на семејството Ќира. Познати стопанственици кои за седум години го “лансираа“ клубот од нула па до настап во Европа лани, а оваа сезона Струга Трим Лум ита кон титулата.

Причина “Спортмедиа“ да направи викенд интервју со претседателот на Струга Трим Лум, Арбтрим Ќира или Трим како што го знаат во пошироките фудбалски кругови.

“Секако дека сме горди на она што сега се случува со Струга Трим Лум. Горди сме на играчите, на тимот што работи таму, на тренерот Срѓан Захариевски.Тие се главните адути во оваа приказна. Да кажам дека како прво ние одработивме одличен преоден рок. Го задржавме Захариевски со кого лесно се договоривме. Тој беше задоволен од тоа што претходно го направи со тимот. Ние како раководство кого ќе поставиме некого на некоја позиција се знае дека тој е главен, дека тој одговара за тимот. Донесовме неколку квалитетни засилувања како на пример Бесарт Ибраими, следуваше напорна работа, и ете си, резултатите се тука. Да кажам дека Захариевски го консултираме за секој трансфер, тој го има главниот збор“вели првиот човек на Струга ТЛ.

-Покрај ова веројатно има и други причини за тоа што сега е Струга ТЛ на лидерското место на табелата?

“Како прво ние сме клуб кое функционира како семејство. Секој што ќе дојде во Струга ТЛ е дел од едно пошироко семејство. Атмосферата е многу добра, играчите вредно си работат, знаат дека се дел од една успешна приказна. Се работи максимално на тренинзите, го даваат максимумот на тренинзите. Ние како раководство се обидуваме да им овозможиме максимални услови. Тоа е рецептот“.

-Струга ТЛ нема некое гломазно раководство, тука се 4-5 лица кои и тоа како си ја знаат работата?

„Од страна на, Да. Пред се да го споменам мојот татко Менди Ќира, потоа мојот брат Луми Ќира, спортскиот директор Бесарт Исаку,секретарот Мифтар Шаќири, и кога се одлучува за некоја голема работа, тогаш сите седнуваме и се договараме. Така стојат работите кај нас. Сите ние сме тука од кога го основавме клубот. Истите луѓе“.

УБАВО Е ДА СЕ ВИДИ ТАБЕЛАТА,НО РАНО Е ДА СЕ ГОВОРИ ЗА ТИТУЛАТА

-Струга ТЛ има осум од осум. Веројатно сега и дефинитивно се размислува и за титулата?

“Убаво е да се види табелата,но сепак не смееме да бидеме еуфорични. Многу е рано да се говори за титулата. Да, супер е тоа што сега се случува со тимот, но досега ништо не сме освоиле. Мина само една четвртина од сезоната.Одиме чекор по чекор, па ќе видиме на крајот каде ќе се завршиме. Нашата цел пред стартот на сезоната беше да имаме добра сезона, да сме во горниот дел од табелата, да избориме излез во Европа.Е сега ако играчите продолжат со овој ритам јасно е дека ќе се менуваат и амбициите. Но за тоа потоа,има време“, искрен е Арбтрим Кира.

-Какво е чувството да се биде пред Шкендија и Шкупи,клубови кои во последните две сезони ги освоија титулите, но и пред останатите во ПМФЛ?

"Не кријам.Искрено чувството е мноу добро.Да победиш на осум мечеви реално не е лесно. Секако дека треба да стоиме цврсто на земја.Реков и ќе повторам, не смее да има еуфорија. Само треба да продолжиме со напорната работа.Јас уште сметам Шкендија и Шкупи се фаворити, но ние сме тука да им правиме проблеми. Инаку за тоа што се говори дека сме здодевни дека само победуваме се шегувам со директорот Бесарт Исаку и му велам дека убаво е тоа што сме здодевни“.

-Струга како град е горда на Струга ТЛ, доаѓаат фанови на натпреварите, полека но сигурно клубот станува миленик на стружани?

“Тоа ме прави среќен и задоволен.Свесни сме дека имаме проблем со инфраструктурата и токму затоа еве да ви откријам дека во моментов сме во преговори со првите луѓе на општината да се направи еден проект за изградба на спортски комплекс. Во него ќе има стадион, два терени и сите придружни елементи. Сакаме сите што ќе дојдат на трибините да имаат адекватни услови. Да не говорам за ложата. Сега и да сакаме некој гостин да ни дојде си имаме проблем. Секако дека за ова ќе треба време, но тие ни се намерите. Потоа ќе следува и работа со младите, младинска академија, услови за сместување и слично".

-Струга ТЛ инсистира на младите да им се дава шанса, се инвестира во нив?

“Кога сме веќе кај младите да кажам дека сум нивни фан. Оваа сезона голем напредок има кај Малески, тука е Хоган Укпа, секако Мухарем и уште други. Не треба да се трошат зборови за Ибраими, Шабани и останатите, но јас сум најсреќен кога гледам како младите напредуваат. Очекувам во најскоро време Малески да добие повик за младата репрезентација.Кога сме кај Ќосевски да кажам дека очекувам наскоро да биде повикан во А-репрезентацијата за претстојните пријателски мечеви оваа есен.Тој има наш пасош, нема брането за А-селекцијата на БиХ".

САКАМЕ ВО СТРУГА ЕДЕН ДЕН ДА ГО ДОНЕСЕМЕ ШАМПИОНСКИОТ ПЕХАР

-Струга ТЛ постои од 2015 година. За овие седум години направи фантастични резултати. Каде Арбтрим Ќира ја гледа Струга ТЛ во блиска иднина?

“Кога го основавме клубот пред седум години имавме неколку соништа, амбиции. Првата беше да дојдеме до Првата лига, втората да играме во Европа. Овие две цели ги остваривме, сега останува третата, а таа е еден ден Струга ТЛ да биде водечки клуб во Македонија. Еден ден да го донесеме шампионскиот пехар во нашиот град. Тоа се плановите за наредните 2-3 години. Е,сега, ако титулата дојде порано секако дека ќе биде уште подобро.Да завршам со тоа дека Струга ТЛ и натаму ќе покажува дека е и дека ќе биде успешна приказна“заврши првиот човек на Струга ТЛ.