HomeLajme / Вести

Над половина од домаќинствата во земјава не можат да си дозволат еднонеделен одмор во странство

Со 55 отсто од домаќинствата кои не можат да си дозволат седумдневен одмор надвор од државните граници, С Македонија е меѓу земјите во Европа чиј најголем дел од семејствата не можат да си платат еднонеделен годишен одмор во странство

Повеќе од половина од домаќинствата во С Македонија не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор надвор од земјава, покажува анализата на статистичкиот портал „Langeist“, базирана на податоци од Евростат.

Со 55 отсто од домаќинствата кои не можат да си дозволат седумдневен одмор надвор од државните граници, С Македонија е позиционирана меѓу земјите во Европа чиј најголем дел од семејствата не можат да си платат еднонеделен годишен одмор во странство.

Полошо од земјава се позиционирани Албанија, каде што 58,3 отсто од домаќинствата не можат да си дозволат годишен одмор, Црна Гора со 67,2 отсто и Косово со 69,5 проценти. Во пошироки регионални рамки, анализата на порталот „Langeist“ покажува дека 60,8 отсто од домаќинствата во Турција и 62,5 проценти од оние во Романија не можат да си платат еднонеделен годишен одмор во странство.

Процентуално, од регионот најголем дел од семејствата кои можат да си дозволат годишен одмор надвор од земјата се од Хрватска (41,7 отсто), потоа Србија со 43,6 проценти, Бугарија со 43,8 отсто и Грција со 48,8 проценти.

За разлика од балканските земји, податоците на порталот „Langeist“ покажуваат дека во земјите како Луксембург, Норвешка, Швајцарија и Исланд помалку од 10 отсто од домаќинствата не можат да си дозволат годишен одмор.

Податоците за С Македонија, како што забележуваат од порталот, се од 2020 година, за Албанија, Црна Гора, Србија, Турција и Швајцарија од 2021 година, а Косово, Исланд и Велика Британија од 2018 година.