HomeLajme / Вести

ЈПДП се правда за „Кичево – Охрид“, колку имале – толку трошеле

Од Јавното претпријатие за државни патишта каде директорува Ејуп Рустеми од ДУИ, денеска се правдаа зошто исплаќале и по 9 милиони евра за само еден километар за автопатот Кичево-Охрид. Тоа го утврди Државниот завод за ревизија. Алсат денеска побара коментар во јавното претпријатие дали некој ќе сноси одговорност за високата сума и дали знаеле дека за 1 километар, од буџетот на граѓаните се трошеле по 9 милиони евра? Оттаму ни одговорија дека – колку имале – толку трошеле, па дури и не потрошиле сè.

„Согласно склучениот Договор за реализација на изградба на автопат Кичево-Охрид и потпишаните 5 анекси кон Договорот за реалзизација обезбедени се средства во висина од 598.074.670 евра. Реализирани заклучно со декември 2023 се средства во висина од 470.908.085 евра или 78,73%. Во овој момент нема потреба од дополнителни средства за реализација на проектот“, рекоа од ЈПДП.

Алсат повторно ги препрати истите прашања, но од Јавното претпријатие повеќе не ни одговараа. Рустеми и министерот за транспорт, Благој Бочварски, ветуваа дека автопатот ќе биде готов до 31 декември 2023 година. Но, тоа не се случи, па рокот беше повторно пробиен.

Како главни причини за доцнењето ревизорите ги наведоа недостатоците во проектот, задоцнета експропријација, потребата од дислокација на надземна и подземна инфраструктура. Немало доволно кадар, ниту пак механизација и опрема. Автопатот кој е долг само 56 километри се гради од 2014 година.

Мики Трајковски – ALSAT