HomeLajme / ВестиQyteti / Град

Учениците како духови низ темните улици во Струга

Низ темни улици секојдневно поминуваат дел од струшките ученици кои следат настава во втора смена за да стигнат до своите домови, реагираат нивните родители. Велат дека се загрижени за безбедноста на своите деца. Многумина, поради неосветлените улици како мерка со која општината штеди струја, се принудени да ги чекаат пред училиште. Многу често тоа се и најмалите од прво до четврто одделение.

„Внуче имаме тука, па дојдовме да го пречекаме, поради темниците не е безбедно, нема светло. Кучиња има колку сакате низ градот и како да оди дете од трето одделение само?…“

„Нема светло по улиците. Загрижени сме за нашите деца. Темно е и мора да дојдеме да ги земеме бидејќи не можат сами да си дојдат…“

„…Има многу случаи кога дете враќајќи се од училиште е нападнато од куче…“, реагираат родителите.

„Кога си одам дома, после училиште, многу ми е страв бидејќи нема осветлување по улиците. Да, сам си одам дома“, вели еден ученик.

Алсат помина едно попладне во близината на Основното училиште Браќа Миладиновци. Дел од светилките се запалија после 17 часот, кога добар дел од учениците веќе беа заминати.

„Оваа ситуација трае веќе 2 месеци. Меѓутоа сега е очигледно, денот е пократок, брзо се стемнува, на дел од улиците осветлувањето се вклучува подоцна околу 17 часот, меѓутоа голем дел од улиците се во тотален мрак…“, рече еден родител.

Родителите бараат општинските власт да преземат мерки и да ја променат саатницата кога нема улично осветлување зашто некои деца од повисоките класови имаат и воншколски активности кои завршуваат и после 21 часот. Алсат праша во општина Струга како ќе го решат овој проблем, но оттаму ни рекоа дека ќе нема да одговорат./Alsat

Мики Трајковски