HomeLajme / ВестиQyteti / Град

Нивото на р. Црни Дрим вештачки намалено, реагираат хидро-биолозите

Нивото на реката Црни Дрим во Струга е на минимум. Од Државните електрани велат дека истекот на вода од езерото во реката ја намалиле по барање на општина Струга од 15-тти месецов. Официјалната причина била дека треба да се врши сервис на системот за осветлување во близината или во самото речно корито.

„До овој момент не сме известени од барателот дека работите се завршени, а еднострано подигањето на нивото на водата без потврда и најава за истото може да доведе до загрозување на материјални и човечки ресурси на терен“, рекоа од ЕСМ.

Во исто време, покрај самиот кеј, додека нивото на реката е спуштено, некој гради нов објект. Испразнетото корито го намалува и нивото на подземни води. Тоа им ги намалува трошоците на оние кои градат, но страда живиот свет во Црни Дрим. Реагираат од Хидробиолошкиот институт.

„Зборувам како научен работник, живиот свет несомнено дека претрпува огромни последици поради тие индуцирани односно предизвикани осцилации вештачки. Мене ми е многу жал што Хидробиолошкиот институт не е запознаен со такви активности кои се преземаат и покрај тоа што ние сме надлежни да даваме свои мислења, па дури и согласности за изведување на одредени проекти и активности во целото сливно подрачје на Охридско езеро“, рече Орхидеја Тасеска-директор на Хидробиолошки Институт Охрид.

Алсат праша во општина Струга што точно се гради на локацијата веднаш покрај самата река, но одговор не добивме. Според Законот за води, за заштита на водите во урбаните подрачја од друго штетно дејство, надлежни се општините.

Мики Трајковски