HomeLajme / Вести

Здравствен Дом – Вевчани со нова реакција до ВМРО ДПМНЕ

Реакција по одговорот нa ВМРО ДПМНЕ ОК Струга, објавен на ден 06.12.2019 година на вашиот медиум

        Почитувани, 

        Неблагодарно е да се полемизира со политичка организација бидејќи Вашата одговорност е за искажаниот збор, а одговорноста на ЈЗУ Здравствен дом Д-р Светозар Чочороски Вевчани и одговорното лице во него е за искажаниот збор и за стореното.

        Сепак мора да одговориме на Вашите наводи во интерес на вистината и заштита на интегритетот на Установата. 

        За да го коментирате системот на здравствена заштита консултирајте ги докторите, здравствените работници кои ги има во Вашата партија, па ќе Ви објаснат што е мрежа на здравствени установи, што е примарна здравствена заштита, што е итна медицинска помош, колку тимови на колку жители се функционални и сл.

        Нејсе, од фактите не можеме да избегаме.

        Новиот објект кој е изграден во како што велите „времето на владењето на ВМРО ДПМНЕ“ во месец Август 2017 година не беше ставен во функција, значи не беше функционален. Кажано со Вашата терминологија во чие време на владеење беа изградени останатите 95% од објектите во кои функционира Установата, според нас во време на постоењето на Македонската Држава и со пари од граѓанките и граѓаните. 

        Факт е дека во месец Август 2017 година во Лабуништа не функционираше итната медицинска помош, истата е воспоставена повторно во месец Јануари 2018 година, кога е ставена во функција новата зграда во која не е сместена само итната медицнинска помош. 

        Човечките ресурси се тие кои што ги имаме, лекарската професија не е инкубатор од кој ќе продуцираме лекари толку колку што сакаме, а трендот на заминување на младите лекари во странство не е феномен карактеристичен само за Македонија, а посебно за рурални краишта какви што се нашите. Но и покрај сето тоа успеавме да привлечиме тројца млади лекари кои што со постоечките ќе обезбедат 24/7 итна здравствена во Лабуништа.

        Но барем бидете доблестни и признајте дека е неспорно дека платите на лекарите и другите здравствени работници се осетно зголемени во последните две години, со тенденција на натамошно зголемување.

        Вашите малициозни коментари за работењето на медицинскиот персонал се неточни и политикански. Дали Вие воопшто знаете колку медицински сестри работат во амбулантата Лабуништа во службата за имунизација, патронажа, домашно лекување, детска стоматологија, интернистичка служба па и во итната медицинска помош која Ви е очигледно во фокус. Вие како медицински супервизори предложивте едукација на медицинскиот персонал а не ние. За нас вистински ценители на квалитетот на здравствени услуги кои ги пружаме се само пациентите и нивното здравје.

        За Ваша информација итната медицинска помош во ЈЗУ Здравствен дом Д-р Светозар Чочороски Вевчани е еден мал сегмент од здравствените услуги кои ги пружаме. Ние сме поликлиничка установа со развиена РТГ дијагностика со мамографија, Клиничка биохемија, ОРЛ, Интерна медицина, Кардиологија и во блиска иднина офталмологија, физикална терапија, ургентна медицина, дерматовенерологија…

        Тоа не е моја заслуга туку заслуга и на сите мои претходници, почнувајќи од Д-р Светозар Чочороски па навака. ЈЗУ Здравствен дом Д-р Светозар Чочороски Вевчани ќе продолжи да функционира во континуитет без разлика на политичките сопки кои ни се ставаат.

        А за хаосот – каде и паниката – од кого, не би сакал да не посетите како пациенти за да се уверите во тоа, но како граѓани вратите Ви се отворени за сите информации во врска со функционирањето на Установата. 

                                          ЈЗУ Здравствен дом 

Д-р Светозар Чочороски Вевчани

                                            Директор

                                    Јован Стојковски