HomeLajme / Вести

ДУИ со “поевтин пазар” му се додворувал на Мицкоски

Дента на верификацијата на новите пратенички мандати, во пресрет на гласањето на Африм Гаши за претседател на Собранието, во парламентарната зграда се случувал политички трилер во режија на интегративците на Али Ахмети, дознава Плусинфо.

Имено, воопшто не е случајна агресивната медиумска кампања на ДУИ за оспорување на легитимитетот на Вреди (Влен) за формирање влада, која оди заедно со обвинувања за прекршување на Охридскиот рамковен договор.

Од високи извори на новата владина коалиција дознаваме дека тој критичен ден главните преговарачи на ДУИ побарале и инсистирале на итна средба со Мицкоски. Средбата се случила во кабинетот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, каде според нашите извори, најблиските соработници на Мицкоски добиле предлог мандатарот да ги земе ДУИ наместо Вреди во Владата, без собраниски спикер и со само четири министерски ресори.

Наводно, Ахмети сметал на ризикот од разочараност на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ од изгласувањето повторно Албанец за претседател на собранието и затоа одлучил да му прати пишман абер на Мицкоски, сметајќи дека така ќе го одоброволи да ја прифати понудата со која ќе му овозможи да прогласи апсолутна постизборна победа со целосно кадровски и програмски понижен Европски фронт.

Откако идниот премиер преку негови емисари ги одбил интегративците, со образложение дека за неговите гласачи нема да има поголемо разочарување од евентуалниот влез на ДУИ во идната влада, Ахмети решил да го бојкотира гласањето на Африм Гаши, за да не ризикува некој од пратениците на Европскиот фронт да гласа „за“.

Стравувајќи дека оваа информација ќе стигне до медиумите и ќе трпат големи политички штети, паднала одлука за оркестрирана кампања против Вреди, со теза дека тие прифаќаат влез во влада со небитни ресори и ја прифаќаат улогата на подобни Албанци, како во времето на поранешна Југославија.

Несомнено е дека во ДУИ расте паниката, која оди рака под рака со опозициската неизвесност, која создава потенцијал за кривична одговорност на функционерите кои се огрешиле пред законите. Како и да е, следуваат тешки денови за сите оние кои се навикнати на 22 години власт те со едните, те со другите.

ПЛУСИНФО