HomeLajme / ВестиQyteti / ГрадRrethina / Околина

Алсат: Струшки села од утре ќе формираат локални кризни штабови

Во неколку струшки села од утре ќе се формираат локални кризни штабови, по драстичниот пораст на позитивни случаи од корона вирус во овој регион. Од досега потврдените 24 случаи во струшко, најголемиот дел се од Лабуништа. Само вчера  таму имаше девет новозаразени.

Дополнително, денеска има плус еден пациент од Лабуништа кој починал, а помеѓу заразените е и еден матичен лекар. Од општина Струга за Алсат велат дека ја анализираат состојбата и не ја исклучуваат можноста да побараат од владата да воведе мерки на изолација на Лабуништа и другите населени места.

„Побаравме од централната власт да се донесат што повеќе тестови, за да се започне со тестирање од страна на службените лица за да се види дека ова не е нешто што е срамно за граѓаните и е со цел да се заштитат себе си, но и другите граѓани што се во опасност“, вели Дашмир Насуфи-општина Струга.

Утре во струшко доаѓа епидемиолог од Институтот за Јавно здравје од Скопје и според неговите насоки ќе биде утврдено дали ќе биде донесена одлука за изолација. Дополнителен проблем е што Лабуништа со околу 11.000 жители е густо населено место. Многу од жителите се и роднински поврзани, па затоа велат познавачите на приликите треба голема внимателност.

Претседателот на кризниот штаб во Лабуништа, Мирсад Мемишоски за Алсат рече дека ја поздравуваат секоја идеја која ќе е во насока на справување со ширењето на епидемијата и заедно со надлежните деновиве ќе одлучат кое е најдоброто решение.

„Треба да дојдат стручни лица и да предложат конкретни мерки. Сигурно тие си имаат свои некои параметри. Потоа ние ќе се изјасниме околу тоа. Мерките се почитуваат, луѓето се дисциплинирани што се ставени во самоизолација. За жал, имаме позитивни случаи. Очекуваме да дојдат епидемиолозите и да го дадат своето мислење“, рече Мирсад Мемишоски, претседател на кризен штаб во Лабуништа.

Во струшката болница во функција се две соби за изолација на интерното одделение, за случаи кои би биле позитивни на Ковид 19. Директорот Мухамед Асани вели дека неколку пациентки кои лежеле на интерно, откако се покажало дека се позитивни веднаш биле препратени на инфективната клиника во Скопје.

„Според ситуацијата принудени сме да адаптираме и еден простор надвор од болницата до 10 кревети со персонал кој ќе биде 24 часа на располагање, што ќе служи за пациенти за кои има сомнение дека се заразени со корона вирусот. Оваа работа ќе видиме како понатаму ќе ја управуваме. Апелираме до министерството и органите за да преземат нешто поголемо во врска со одделот за инфектологија во Охрид, за да имаме една добра соработка и тие да се стават во работа за да немаме проблеми кои ги имаме секојдневно со пациенти“, изјави Мухамед Асани-директор на општа болница Струга.

Во Струга се земаат и брисови на сите жени кои што се во триесет и петата недела од бременоста, а кои доаѓаат од средините каде веќе се регистрирани случаи на Ковид 19. Директорот  Асани вели дека станува збор за околу 40 пациентки. Досега биле направени шест анализи и ниту една не била позитивна.

Ова е со цел болницата да има јасна слика за нивната состојба пред породувањето. Дополнително се направени и епидемиолошки анкети на целиот медицински персонал на одделот за рендген, дневна амбуланта и интерно одделение и се негативни. Од Центарот за јавно здравје во Охрид велат дека секојдневно се земаат брисеви за Ковид 19 и од Охрид и од Струга.

Мики Трајковски