HomeLajme / ВестиRrethina / Околина

Уште две други случаи на лекари без лиценци во Здравствен Дом Вевчани

Дополнително, при целосното испитување на наведениот настан, Основното јавно обвинителство Струга дојде до други сознанија врз основа на кои оформи уште два други предмети.

Имено, првиот предмет се однесува за директорот на Здравствениот дом Вевчани, за кого има индиции дека од 2019 година имал определени сознанија дека лицето кое се претставувало како доктор не поседува лиценца од Лекарската комора. За ова тој бил писмено известен со допис од Лекарската комора. Сепак, и покрај ваквите сознанија, тој на пријавениот му овозможил да продолжи да извршува лекарска дејност во Здравствениот дом во Вевчани до втората половина на 2022 година. На овој начин, постојат индиции дека директорот на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани сторил кривичнo делo – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.

Од обезбедената документација, Основното јавно обвинителство Струга дојде до сознанија дека на оглас за вработување во 2019 година во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани се пријавиле две кандидатки кои не поседувале лиценци во тоа време. И покрај тоа, Комисијата за селекција при вработување констатирала дека тие ги исполнуваат законските услови. Со оглед на тоа што без лиценци тие не можеле да бидат вработени како лекари во здравствена установа, со нив бил склучен договор и биле примени како приправници. Откако неколку месеци подоцна ги обезбедиле лиценците, без да биде распишан нов оглас, со двете кандидатки биле склучени договори за вработување.

Имајќи ги предвид ваквите сознанија, Основното јавно обвинителство Струга испитува наводи за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и Несовесно работење во службата според член 353-в од Кривичниот законик за директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани, како и за тројца членови на Комисијата за селекција при вработување.