HomeLajme / ВестиQyteti / Град

„Женска плажа“ во Струга стана див паркинг

Некогаш најубавата и најатрактивна плажа во Струга, познатата Женска плажа, претворена е во див-паркинг. Иако станува збор за државно земјиште, некој заградил дел од плацот и си го претворил во паркиралиште. Овие снимки се направени викендов. На локацијата имаше паркирани десетици автомобили, а граѓаните пиеја кафе во угостителските објекти. Стружани се сомневаат дека станува збор за нечие самоволие.

„Нема ништо од неа. Загадуваат сè, го загадуваат цело езеро. Безумие е тоа сега. Нема институција, тоа е само на хартија, друго ништо. Анархија владее…“

„Има институции, но има и претпријатија. Сигурно дека има некоја бизнис зделка, некој договор меѓу нив, некоја врста на соработка помеѓу институциите и инвеститорите во рамките на законот. Можеби не е добро за око, но тоа е…“

„Од мали доаѓаме овде на плажа и вака некако не е воопшто убаво. Го запустија градот…“

„Полошо не може да биде. Досега е најлошо во градот. Ние сме од странство и не ни е убаво да го гледаме вака градот растурен…“, реагираат граѓаните.

Од јавното претпријатие Еко Струга, кое стопанисува со паркинзите во градот, не знаат чии се овие паркинзи. Пријавиле во Пазарна инспекција, но повратен одговор не добиле. Од општина Струга не кажуваат кој управува со паркинзите и дали некој им дал дозвола. За состојбата раменици креваат и од централната власт.

„Министерството за транспорт и врски не управува со плажите, ниту има договори за концесија со нив“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Реагира и политиката во Струга.

„Сведоци сме дека без никаква правна и легална процедура се врши узурпација на јавен простор, сопственост на РМ…“, рече Никола Кукунеш, ВМРО-ДПМНЕ Струга.

Ова не е единствената локација во Струга каде функционираат диви-паркинзи. На некои од нив паркирањето и се наплаќа.

Мики Трајковски – ALSAT